Корисничко име Лозинка Пријави се
23.7.2013

Трезеге позајмен во Њуелс олд бојс

Искусниот француски напаѓач Давид Трезеге следната година ќе игра за Њуелс олд бојс како позајмен играч од Ривер плате.

Во минатата сезона, која голем дел му ја обележаа повредите, поранешниот француски репрезентативец постигна три погодоци за Ривер во 16 настапи во аргентинската лига. Трезеге му се приклучи на Ривер плате во декември 2011 година, кога славниот клуб се наоѓаше во втората лига. Му помогна да се врати во првата лига, во која во минатосезонската Клаусура го освои второто место, токму зад Њуелс олд бојс.
Откако тренерот на Ривер, Рамон Дијас, порача дека веќе не смета на него, 35-годишниот фудбалер се согласи да отиде на заем во клубот од Росарио.
„Ова е посебен ден за мене, потписот за Њуелс олд бојс ми донесе голема среќа. Им се заблагодарувам на сите клубови коишто беа заинтересирани за мене, но се одлучив за Њуелс олд бојс бидејќи тоа е екипа на која добро ѝ оди и која е ценета во светот“, изјави освојувачот на европската и светската круна со репрезентацијата на Франција.

Најнови вести