Корисничко име Лозинка Пријави се
15.12.2014

Расинг му ја „украде“ титулата на Ривер плате

Фудбалерите на Расинг од Авелјанеда ја освоија шампионската титула на Аргентина.

Тимот од предградието на Буенос Аирес ја освои првата титула по 13 години, а до неа дојде по минималниот триумф над Годој Крус во последното коло.
Со погодокот на Адријан Сентурион на почетокот на второто полувреме Расинг остана на два бода пред главниот конкурент и бранител на титулата Ривер плате, кој во последното коло славеше на гостувањето кај Килмес, исто така со 1-0.
Ривер долго време беше лидер на првенството, но во финишот се сконцентрира на Купот на Јужна Америка, кој го освои минатата среда, па во последните пет кола доживеа два порази, единствени во сезоната, со што му овозможи на Расинг со низата од шест победи да дојде до круната.
„Не можам да верувам, оваа титула беше нашиот сон. Поради ова се вратив дома“, изјави ветеранот Диего Милито, кој пред четири години го предводеше Интер до шампионската титула на Европа.
Расинг ја освои 17-тата шампионска титула на Аргентина, со што е трет најуспешен тим во државата, по недостижните Бока јуниорс (36) и Ривер (30).
Шампионот и вицешампионот се квалификуваа за Копа Либертадорес следната година, покрај бранителот на континенталната титула Сан Лоренцо, освојувачот на Купот на Аргентина Уракан и Бока јуниорс, како најдобро пласиран аргентински клуб во Копа Судамерикана.

Најнови вести