Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2018

Спектакл во Казањ: Мбапе го урна сонот на Меси

Франција е првиот четвртфиналист на Светското првенство во Русија по феноменалната победа над Аргентина со 4-3 во Казањ.

Французите во луд натпревар пров поведоа, па губеа во второто полувреме, но сепак направија голем пресврт со двата гола на феноменалниот Килијан Мбапе.
Напаѓачот на ПСЖ го урна сонот на Лионел Меси за освојување на Мундијалот и го остави еден од најдобрите фудбалери на сите времиња без најважниот пехар во фудбалот.
И додека Меси, кој повторно не постигна гол, но двапати беше асистент и уште неколку негови соиграчи ќе се пензионираат од националниот тим, Французите ќе го чекаат вечерашниот дуел меѓу Португалија и Уругвај да дознаат кој ќе им биде противник во четврт-финалето.
Доколку Португалија триумфира ќе гледаме реприза на финалето на Европското првенство пред две години кога „европскиот Бразил“ го шокираше домаќинот и ја освои круната.
Натпреварот на „Казањ арената“ гарантираше спектакл и пред стартот затоа што овој натпревар беше најголемо дерби во оваа фаза. Селекторите на двете репрезентации се одлучија за нешто подефанзивни постави, а Сампаоли во составот не стави ниту еден класичен шпиц.
На стартот Французите им ја препуштија топката на јужноамериканците, но веќе во 13-тата минута стигнаа до водство по успешно реализираниот пенал на Антоан Гриезман. Евер Банега лошо ја прими топката и ја изгуби, а Мбапе на 30 метри од својот гол со извонреден спринт и продор стигна до голот на Аргентина каде беше соборен од Маркос Рохо што не му остави дилеми на одличниот ирански судија Алиреза Фагани.
По голот почна да опаѓа притисокот на „триколорите“, Аргентинците го засилија ритамот, но Французите играа одлично во одбраната и не му дозволија на Меси да се приближи до голот на Лорис.
Меси не успеа, но Анхел ди Марија во самиот финиш на полувремето постигна прекрасен гол со удар од нешто помалку од 30 метри и го погоди горниот десен агол на Лорис.
По возбудите во првото полувреме, второто беше уште понеизвесно. Тоа почна со среќен гол на Аргентина кога по еден центаршут на Банега, топката стигна до Меси кој шутираше кон противничкиот гол и го погоди Меркадо кој го смени правецот на топката и го измами Лорис за 1-2.
По овој гол Аргентина им ја препушти иницијативата на Французите што им се одмазди десет минути подоцна. Бенџамин Павар го искористи центаршутот на Ернандес и со спектакуларен волеј го совлада Армани за израмнување на резултатот.
Шест минути подоцна на сцена повторно стапи Мбапе кој повторно искористи една топка на Ернандес и ја измами аргентинската одбрана за ново водство на Франција.
Четири минути подоцна Мбапе ја круниса одличната акција на Франција и ја запечати судбината на „гаучосите“.
Малку фалеше Аргентина да доживее нов дебакл, но Жиру и Мбапе не ги искористија шансите, па Аргентина имаше можност во финишот да создаде уште некоја шанса. 
Во втората минута од судиското продолжение Меси одлично го проигра резервистот Серхио Агуеро кој со глава постигна гол за надеж, а во последната минута Меза пропушти шанса за израмнување по што можеше да почне славењето на Французите.

Најнови вести