Корисничко име Лозинка Пријави се
25.7.2013

Меси: Не го доведов Мартино

Лионел Меси, фудбалерот на Барселона, рече дека не влијаел на одлуката на управата на клубот да го доведе тренерот Херардо Мартино на „Камп ноу“.

Мартино во вторникот вечерта на конференцијата за новинарите рече дека е уверен дека Лионел Меси и неговиот татко Хорхе го препорачале на управата на Барселона, пред клубот да му ја понуди работата.
Тој потпиша двегодишен договор со шампионот на Шпанија. Педесетгодишниот Мартино на клупата на Барселона го замени Тито Виланова, кој го напушти клубот поради здравствени проблеми.
Меси и Мартино се од Росарио, а фудбалерот во минатото го фалеше тренерот Мартино.
„Немам ништо со доаѓањето на Херардо Мартино, а не морам тоа ниту да го објаснувам. Одлуката ја донесоа претседателот (Сандро) Росел и управата на клубот. Порано реков дека ми се чини дека тој е добар тренер, но не морам ништо да објаснувам“, изјави Меси за весникот „АС“.
„Никогаш не сме се сретнале, не го познавам. Ниту него, ниту Луис Енрике, другиот тренер околу кого пишуваа медиумите. Мислам дека клубот донесе добра одлука, во Парагвај и во Аргентина покажа што знае. Се надевам дека тоа ќе биде добро за нас“, додаде четирикратниот најдобар светски фудбалер.
Мартино минатата сезона го предводеше Њуелс олд бојс до титулата во аргентинската Клаусура, а во 2010 година со репрезентацијата на Парагвај стигна до четврт-финалето на Светското првенство во Јужна Африка.

Најнови вести