Корисничко име Лозинка Пријави се
10.10.2018

Не бил само Нејмар со таа мака да бега од „сенката“ на Меси и Суарез

Откако си замина од Барселона, Пако Алкасeр блеска во дресот на Борусија Дортмунд

Еден од оние играчи кои блеснаа сезонава дефинитивно е Пако Алкасeр. Тоа е играчот кој направи трансфер во Борусија Дортмунд и сега е прв стрелец во Бундес лигата. Да биде уште поневеројатно, Алкасер ниту еден меч не го започна како стартер, туку влегува како резерва и се покажува како клучен играч на тимот кој е лидер во Германија.
За вкупно 81 минута поминати на трените во Германија, Пако има дадено шест погодоци, односно во просек погодува на секои 14 минути. Напаѓачот покажа дека има сјајни реализаторски способности, нешто што не можеше да дојде до израз за време на неговиот престој во Барселона. Алкасер уште е играч на Барселона, кој игра кај „милионерите“ како позајмен фудбалер. Самиот напаѓач откри зошто решил да си замине од шпанскиот првак.
„Во текот на летото донесов одлука да заминам во некој друг клуб каде што конечно ќе може да играм. Изборот беше на Борусија Дортмунд. Не ми остана ништо друго освен да си заминам. Морав да избегам од тимот каде што се Меси, Суарез и Кутињо. Тоа се играчи со светска класа и кои пред мене имаат предност во Барселона. Ми беше многу тешко да се надевам дека ќе играм покрај нив на теренот“, открива Алкасер.
Шпанецот додава дека во Борусија бил одлично пречекан и дека тоа е неговиот најдобар потег во кариерата.
„Од првиот ден во Борусија одлично сум прифатен и навистина мислам дека направив најдобар можен потег. Не го познавам јазикот, но сите соиграчи ми помагаат, за било што и да ми затреба“, вели Шпанецот, кој освен шесте гола во Бундес лигата, еднаш погоди и во Лигата на шампионите на дуелот против Монако.

Најнови вести