Корисничко име Лозинка Пријави се
19.7.2012

Навивачите станаа мнозински сопственици на Панатинаикос

Грчкиот Панатинаикос стана прв голем клуб во сопственост на своите навивачи, откако е основана нивната инвестициска група „Алијансата Панатинаикос“ која го откупи поголемиот пакет акции.

Поголемиот дел на Панатинаикос од 1979 година беше во сопственост на семејството Вардинојанис и во тој период освои осум шампионски титули на Грција и единаесет натпреварувачки купови. Меѓутоа, семејството сега се согласи да го продаде својот дел од 54,75% сопственост на клубот на здружението на навивачите.

„Отсега Панатинаикос им припаѓа на своите луѓе“, рече првиот човек на „Алијансата Панатинаикос“, Јанис Алафузос за „Ројтерс“.

Алафузос, кој, исто така, е сопственик и на „Скај медија груп“, додаде: „Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи и акционери коишто го овозможија ова. Оваа инвестициска група ја претставуваат навивачите. Мораме да учиме од поразите доживеани во изминатите години и да почнеме да градиме нов Панатинаикос. Исто така, им се заблагодарувам на играчите и на тренерите, кои се согласија на одложување на исплатата на платите за да можеме ова да го претвориме во реалност.“

Навивачката инвестициска група е основана во мај, а навивачите во неа можеа официјално да се зачленуваат од втори јуни. Членовите станаа сопственици на дел од акциите во согласност со висината на својот влог, но секој од нив има право само на еден глас во донесувањето одлуки. „Ројтерс“ вчера ја пренесе веста дека групата од своите 2.829 членови собрала над 1,6 милиони евра.

Панатинаикос минатата сезона заврши на второто место во домашниот шампионат, зад најголемиот ривал Олимпијакос. На Олимпијакос му припадна титулата откако на Панатинаикос не му беше усвоена жалбата за најголемата казна што некогаш била изречена поради прекин на атинското дерби во март предизвикан од нередите на навивачите.

Најнови вести