Корисничко име Лозинка Пријави се
19.4.2013

АЕК по казната по првпат во историјата испадна во втората лига

АЕК од Атина, еден од најтрофејните и најпопуларни грчки фудбалски клубови, испадна од првата лига откако беше казнет со одземање бодови поради инцидентот на своите навивачи.

Во директен дуел со Пантракикос во борбата за останок АЕК минатиот викенд на домашен терен прими погодок во 84-тата минута, по што домашните хулигани влетаа на теренот и го прекинаа натпреварот. Раководството на грчката Суперлига денес ја регистрира споменатата средба со резултат 3-0 за Пантракикос, а на АЕК му се одземени три бодови во актуелната сезона и уште два во следната. Покрај тоа, мора да плати и казна од 4.000 евра.
Ваквата одлука значи дека АЕК пред последното првенствено коло се наоѓа на претпоследното место, со пет бодови заостанување над зоната за спас. За првпат во 89-годишната историја испадна во втората лига. Постојат мали шанси да биде уважена жалбата на атинскиот клуб, но ниту во тој случај останувањето во првата лига нема да биде сигурно.
АЕК единаесет пати беше грчки шампион, а повеќе титули имаат само Олимпијакос (40) и Панатинаикос (20).

Најнови вести