Корисничко име Лозинка Пријави се
27.3.2018

Викендов продолжува грчката Суперлига

Натпреварувањето во грчката фудбалска Суперлига ќе продолжи претстојниот викенд по паузата од три седмици поради инцидентот на Иван Савидис, претседателот на ПАОК.

Савидис во текот на натпреварот со АЕК влезе на теренот со пиштол околу појасот.
Натпреварите ќе се играат во сабота на 31-ви мај и во недела на први април, соопшти вчера грчката фудбалска лига.
Натпреварувањето во грчкиот шампионат беше прекинато на неодредено време, откако Иван Савидис, претседателот на ПАОК, во текот на натпреварот против АЕК на 11-ти март незадоволен од судиската одлука, опкружен со телохранители излезе на теренот со пиштол околу појасот.
Судијата поради офсајд го поништи голот на солунскиот тим во завршницата на натпреварот, по што Савидис влезе на теренот. Натпреварот веднаш беше прекинат, а заменик- министерот за спорт Јоргос Василијадис на 12-ти март ја суспендира Суперлигата.
Како што пренесоа грчките медиуми, 16-те екипи постигнале договор да се почитуваат мерките коишто ги навел Василијадис за да продолжи првенството. Тие мерки вклучуваат автоматско испаѓање од Суперлигата на секој клуб кој ќе има проблеми со насилство три пати во една сезона, како и казна за клубовите чии челници со своите изјави ќе поттикнуваат насилство.
Исто така, клубовите ќе бидат целосно одговорни за безбедноста на натпреварите кои ги организираат, а полицијата отсега ќе биде на стадионите.

Најнови вести