Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2018

Тричковски е вистинска гол-машина

Македонецот даде дури 6 гола на последните три меча на европска сцена

Иван Тричковски со три гола го потврди пласманот на АЕК Ларнака во баражот за влез во групната фаза од Лигата на Европа. Македонскиот репрезентативец потврди дека е во одлична голгетерска форма и има постигнато шест гола на последните три настапи. Тој двапати ја тресеше мрежата на Дандалк во минатото коло, потоа еднаш погоди во Грац кај Штурм и сега дома против Штурм оствари хет-трик во победата од 5-0. 
Сите 90 минути за АЕК ги одигра и дефанзивецот Даниел Мојсов. Во баражот за влез во групите од ЛЕ кипарскиот АЕК ќе се сретне со Тренчин или Феенорд. Првиот меч заврши со изненадувачки 4-0 за Словаците, а реваншот е вечерва од 20.30 часот во Ротердам. 
Во следната фаза одат и Сигма Оломоуц и Уфа. Чесите попладнево славеа со 2-1 на гостувањето кај Каират, а работата им беше олеснета со двата црвени картони кај казахстанскиот тим, од кои едниот на Фелипе, кој до пред неколку месеци го носеше дресот на Вардар. 
Рускиот тим Уфа со голот во 94-тата минута изедначи на 2-2 и избегна играње продолженија против луксембуршкиот Нидеркорн.