24.10.2012 Лацио без двата најдобри играчи кај Панатинаикос
Утре фудбалерите на Лацио од Рим ќе гостуваат во Атина кај Панатинаикос, во средбата од третото коло на групата Ј на Лигата на Европа, a римјаните на тој пат заминаа видно ослабени.
По двата натпревари од Лигата на Европа Лацио има победа и реми, а средбата кај грчката екипа нема да ја одиграат Бразилецот Ернанес и Германецот Мирослав Клозе. Овие двајца фудбалери во текот на досегашниот дел на сезоната во Серија А постигнаа 11 од вкупно 16 погодоци на Лацио, а според тоа може да се заклучи колку ѝ значат на римската екипа.
На ова гостување тренерот Владимир Петковиќ одлучи да го поштеди Ернанес, 27-годишниот Бразилец, и да го одмори за претстојните напори во Серија А, додека Клозе го пропушти последниот тренинг. Од клубот не кажаа за каква повреда се работи, но многу е веројатно дека и кај него станува збор за поштеда.
На последниот тренинг не беше ниту 26-годишниот Сенад Лулиќ, па е можно и Босанецот да не игра против Панатинаикос.
Лацио е во низа од четири победи, па моментно е третопласирана екипа во Серија А.