Корисничко име Лозинка Пријави се
27.10.2014

Јорданеску повторно на чело на Романците

Ангел Јорданеску е новиот селектор на фудбалската репрезентација на Романија, по трет пат во кариерата.

Откако по помалку од две седмици Виктор Пицурка поднесе оставка поради профитабилна понуда од Саудиска Арабија, Фудбалскиот сојуз на Романија безуспешно трагаше по идеален заменик.
Откако украинскиот Шахтар ја одби молбата на Романскиот фудбалски сојуз да му дозволи на Мирчеа Луческу да го преземе местото селектор, работата му беше понудена на искусниот Јорданеску, кој во Сојузот ја вршеше функцијата технички директор.
Јорданеску, познат под прекарот Генерал (официјална титула), пред две децении го доведе романскиот национален тим до најголемиот успех – четврт-финале на Светското првенство во САД. Тој вкупно по два пати ја водеше Романија на Мундијалот, но и на Европското првенство.
Исто така, Јорданеску како играч беше дел од најголемиот клупски успех на романскиот фудбал, како првотимец, но и како помошен тренер учествуваше во освојувањето на Купот на шампионите во 1986 година со Стеауа.
За разлика од претходните години, Романците квалификациите за Евро 2016 година ги почнаа солидно, ги совладаа Финска и Грција во гости и ремизираа со Унгарија на домашен терен.
Јорданеску ќе дебитира на 14-ти ноември, во квалификациската средба со лидерот на групата, Северна Ирска.

Најнови вести