Корисничко име Лозинка Пријави се
16.6.2016

Швајцарија задоволна со ремито со Романија, Словачка ја победи Русија со 2-1

Фудбалерите на Романија и Швајцарија одиграа нерешено 1-1 во второто коло од Групата А на Европското првенство во Франција.


Романците и Швајцарците одиграа динамичен натпревар на „Паркот на принцовите“ во Париз, а имаше можност да се постигнат и повеќе голови.
Сепак со поделбата на бодовите ќе биде задоволен тимот на Владимир Петковиќ кој има четири бодови и се наоѓа на зад максималната Франција, додека пак Романците останаа само со еден и ќе им биде неопходен триумф во третиот натпревар. 
Натпреварот во Париз беше исклучително квалитетен од самиот почеток, Харис Сеферовиќ пропушти две шанси, а казната набрзо го стигна со пеналот на Богдан Станку во 18-тата минута.
Покрај примениот гол Швајцарците продолжија со нападите, но Џемаили и Шаќири ги пропуштија шансите за изедначување па Романците на полувремето заминаа со минимална предност.
Во второто полувреме својата шанса ја искористи репрезентацијата на Швајцарија и во 57-та минута преку голот на Адмир Мехмеди го постигна голот за изедначување.
До крајот на натпреварот возбуда имаше на двете страни, но немаше повеќе голови, па натпреварот заврши со реми резултат.
Во второто коло од Групата Б, фудбалерите на Словачка ја совладаа репрезентацијата на Русија со 2-1.
Словаците на стадионот во Лил одиграа одлично прво полувреме и со головите на Владимир Вајс и Марек Хамшик ја задржаа шансата за пласман во следната рунда.
Првиот половина час од натпреварот се чинеше дека Русија е подобра екипа, но по контра нападот Словачка поведе и ја презема контролата над натпреварот. 
Марек Хамшик во 32-та минута фантастично го проигра Владимир Вајс на левата страна, кој се извлече од офсајд и рутински го погоди спротивниот агол.
По шансата на стартот од второто полувреме фудбалерите на Словачка се обидоа да го умртват ритамот сè до крајот на натпреварот, што можеше скапо да ги чини во финишот. Прво Шатов одлично го пронајде Глушаков кој со глава намали на 2-1, а потоа фудбалерите од селекцијата на Русија имаа одлични шанси за да дојдат до изедначувањето но до крајот на натпреварот не беа постигнати повеќе голови.
Со оваа победа репрезентацијата на Словачка го пополни второто место на табелата и освои три бодови, колку што има и Велс, но со натпревар помалку, а зад нив следуваат Англија и Русија со по еден бод. 
Во вториот натпревар од Групата Б Англија и Велс ќе играат денес од 15:00 часот.

 

Најнови вести