Корисничко име Лозинка Пријави се
05.12.2012

Рапид Букурешт оди во стечај

Романскиот фудбалски прволигаш Рапид од Букурешт поднесе барање за покренување стечајна постапка поради натрупани долгови.

Рапид, кој минатата сезона играше во финалето на националниот куп, претходните години имаше големи трошоци, а на играчите не им се исплатени платите за неколку месеци.
Рапид е еден од седумте клубови кои две последователни тромесечја се под блокада на УЕФА поради неподмирените финансиски обврски.
„Точно е дека е покрената процедура, бидејќи само така можеме да го спасиме клубот. Ќе направиме сè што е во наша моќ Рапид да продолжи да функционира“, им рече на новинарите во Букурешт Георге Копош, доминантниот сопственик на акциите на Рапид.
„Разликата меѓу приходот и расходот е околу пет милиони евра на годишно ниво. Тоа навистина е катастрофа“, изјави Константин Зота, претседателот на Рапид.
Одењето во стечај би можело да значи исфрлање на Рапид во аматерскиот ранг на натпреварување во Романија.
„Ако на крајот биде прогласен стечај, Рапид не ќе може да добие лиценца за натпреварување во следната сезона“, истакна претседателот на Фудбалскиот сојуз на Романија, Димитру Драгомир.
Тој вчера откри дека седум од 18-те клубови кои моментно се наоѓаат во првата лига се соочени со големи финансиски проблеми и долгови.

Најнови вести