Корисничко име Лозинка Пријави се
15.3.2012

Мајк Д’Антони го напушти Њујорк никс

По серијата од шест последователни порази и падот од позицијата која води во плејофот, Мајк Д’Антони даде отказ на местото тренер на Њујорк никс.

Д’Антони за една година не успеа од тимот во којшто има две ѕвезди на Олстар, Кармело Ентони и Амари Стадемаер, да направи конкурентна екипа на Истокот.
Иако во текот на февруари се чинеше дека со експлозијата на Џереми Лин Д’Антони конечно доби трета, клучна алка во својот синџир, сè се распадна во март, па Њујорк никс падна на деветтото место во Конференцијата.
Последните денови медиумите беа полни со приказни за напнатите односи во редовите на Њујорк никс, а посебно се шпекулираше за затегнатиот однос меѓу Д’Антони и првата ѕвезда Кармело Ентони, кој, наводно, дури барал и трејд.
Д’Антони ја водеше екипата на вчерашниот утрински тренинг, а на вечерниот натпревар против Портланд екипата ја водеше неговиот помошник Мајк Вудсон, а Никс го добија тој натпревар со 121-79.
Пред два месеци се шпекулираше дека Њујорк никс би можело да го води пензионираниот Фил Џексон, кој освои 11 шампионски титули на НБА-лигата.
Њујорк никс моментно има скор од 18-24, како и осмопласираниот Милвоки бакс, кој е во серија од три победи. До крајот од регуларниот дел од сезоната двата тима имаат да одиграат уште по 24 натпревари.

Најнови вести