Корисничко име Лозинка Пријави се
05.4.2017

Историја - Расел Вестбрук како Оскар Робертсон!

Расел Вестбрук, плејмејкерот на Оклахома Сити тандерс, претходната ноќ го изедначи рекордот на НБА-лигата за којшто многумина сметаа дека е недопирлив.

Надреалниот Рас во убедливиот триумф над Милвоки бакс (110:79) забележа учинок од трипл-дабл во сезоната – со што се изедначи со легендарниот Оскар Робертсон.
Плејмејкерот на „бакси“ во сезоната 1961/62 исто така бил двоцифрен во три колони 41 пат во регуларниот тек на сезоната, со тоа што „Желката“ има уште шест средби да се обиде да се осами на чело на вечната листа.
Вестбрук до историјата дојде во негов стил, постигнувајќи трипл-дабл само со 22 минути, 12 поени (2/8 за два, 2/4 за три), 13 скокови, 13 асистенции, што е втор најбрз ваков учинок во историјата. Исто така, од 41 трипл-дабл, овој беше 13-ти до којшто стигна за три четвртини од кошарката или помалку.
„Ова, секако, е посебна ноќ која никогаш нема да ја заборавам. А посебност на целата приказна ѝ дава фактот дека тоа го направив овде, во Оклахома Сити. Целата сезона е како благословена за мене, не сум ни сонувал дека можам да го постигнам ова“, изјави Вестбрук.
Кога ја постигна десеттата асистенција, за неговиот седми трипл-дабл во низа, салата загрме со повици МВП, додека арбитрите при првиот прекин му дозволија на спикерот да го соопшти влегувањето во вечноста на еден од најдобрите играчи на денешницата.
Но, ниту тука не е крајот на Вестбрук во бркањето на рекордите, бидејќи сега му недостасуваат само 16 асистенции за да може по уште еден параметар да се изедначи со Робертон, сезоната да ја заврши со трипл-дабл просек.

Најнови вести