Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2015

Западот победи на Олстар мечот, Вестбрук МВП

Олстар-натпреварот на НБА-лигата ѝ припадна на селекцијата на Западот со 163:158, а за најкорисен играч беше прогласен Расел Вестбрук.

Минатата ноќ во „Медисон сквер гарден“ сите ѕвезди на најсилната лига на светот приредија незаборавно шоу, а имаше и рекорд според бројот на постигнати поени – 321.
Малку фалеше и Вестбрук да постави нов рекорд, бидејќи натпреварот го заврши со 41 поен, еден помалку од Вилт Чемберлен, кој во 1962 година постигна 42 поени на Олстар.
Кошаркарот на Оклахома Сити тандерс постигна 27 поени до полувремето, што само по себе беше доволно за рекорд на Олстар и титула за МВП, но Вестбрук не се задоволи со тоа.
Западот целосно го контролираше натпреварот во првата четвртина, во еден момент имаше предност од 20 поени, а потоа ѕвездите на Источната конференција се вратија. На четири минути пред крајот, резултатот беше 148:148, а Вестбрук и Џејмс Харден го предводеа својот тим до убедлив триумф.
Овогодишниот 321 постигнат поен на Олстар за три поени го престигна рекордот кој беше поставен минатата година. Во текот на минатата ноќ имаше уште еден рекорд, на натпреварот беа постигнати 48 тројки, а претходниот рекорд беше 30.
Вестбрук го следеше Харден со 29 поени и по осум скокови и асистенции, додека на Истокот се истакна Леброн Џејмс со 30 поени, но тоа не беше доволно за да слави неговиот тим. Кајл Корвер од Атланта хокс постигна седум тројки и натпреварот го заврши со 21 поен, додека Џон Вол, ѕвездата на Вашингтон визардс, постигна 19 поени.

Најнови вести