Корисничко име Лозинка Пријави се
17.5.2016

Дурант и Вестбрук го шокираа шампионот

Кошаркарите на Оклахома направија брејк во првиот натпревар во финалето на Западната конференција на НБА лигата.

Тандерс во Оукланд го победија актуелниот првак со 108:102 иако на полувремето имаа 13 поени минус (60:47). Ова беше првиот пораз на Вориорс на домашен терен.
Домаќините во третата четвртина имаа и 14 поени предност, но Кевин Дурант и Расел Вестбрук со одлична игра ги поведоа Тандерс до пресвртот.
„Морате да имате вистински пристап на ваков терен. Нашите момци разбираа каде одиме. Не можат да дојдат овде и да помислат дека сè ќе биде во ред. Првата работа која треба да се прифати е дека ќе биде тешко“, изјави тренерот на Тандерс, Били Донован.
Дурант натпреварот го заврши со 26 поени, а клучниот кош го постигна на 30 секунди пред крајот за плус 5 за својот тим. Вестбрук во второто полувреме запиша 24 од вкупно 27 поени, додека во првото пропушти девет од 10 уводни шутеви. Додаде 12 асистенции и 7 украдени топки.
„Треба само да се натпреваруваме. Натпреварот ќе биде тежок, тешко е овде да се игра. Имаат многу одлични играчи во тимот, но знам дека и ние сме голем тим кога ќе се посветиме на тоа. Не игравме најдобро што можеме, но победивме“, нагласи Вестбрук, кој во третата четвртина постигна 19 од 38 поени за својот тим. 
Стефен Кари го предводеше тимот на Вориорс со 26 поени, со десет скокови оствари личен рекорд во плеј-офот, а на првото место на вечната листа го престаса Реџи Милер со една тројка во 45 врзани дуели во доигрување.
Вториот натпревар е на програмата за четврток во 3:00 часот, исто така во Калифорнија.

Најнови вести