Корисничко име Лозинка Пријави се
16.11.2013

Ето: Соиграчите ме саботираа

Самуел Ето е уверен дека некои од соиграчите го саботирале затоа што не сакале да постигне гол во бараж натпреварот за пласман на Светското првенство против Тунис.

На првиот натпревар од баражот, во октомври, Камерун и Тунис одиграа без голови, а Ето тврди дека знаел за намерите на соиграчите, поради што морал повеќе да се труди да дојде до топката.
„Тоа е вистина и е за жалење, а кога ме гледавте дека се враќам до средниот ред да ја земам топката, тоа беше затоа што чув за заверата. Фудбалот е тимски спорт и должни сте да ја додадете топката дури и ако сте во екипа со најголемиот непријател, ако е во добра позиција“, изјави Ето.
Реванш натпреварот се игра утре во Камерун.
„Време е да ги оставиме зад себе сите недоразбирања и да се концентрираме на неделниот натпревар. Мораме да се соединиме, да комуницираме за време на натпреварот и да дадеме сè од себе за да постигнеме резултат кој целата земја го очекува“, заврши Ето.
Селекторот на Камерун, Фолкер Финке, изјави дека не видел никаква саботажа.
„Не видов ништо такво за време на тој натпревар. Секој може повторно да погледа снимката. Јас ја гледав шест, седум пати и ниту во еден момент не видов дека некој играч одби да ја додаде топката на Ето или на некој друг фудбалер“, изјави Финке.
„Можни се судири меѓу играчите, но никој не одби да ја додаде топката на Ето за време на првиот натпревар. Тоа ми звучи како приказна од детска градинка“, додаде Финке.

Најнови вести