05.6.2013 Ето ќе го пропушти квалификацискиот натпревар против Того
Самуел Ето, капитенот на камерунската фудбалска репрезентација, ќе го пропушти неделниот квалификациски натпревар за Светското првенство во Бразил против Того поради повреда на задниот дел на бутниот мускул.
„На Ето неговиот клуб му препорача да се одмори неколку седмици. Поради тоа, веројатно, ќе го пропушти натпреварот во Ломе“, изјави Фолкер Финке, новиот камерунски селектор, па додаде:
„Но сигурен сум дека ќе биде присутен за следниот натпревар, против Демократската Република Конго на 16-ти јуни во Киншаса“.
Ето се повреди во саботата, во финалето на Купот на Русија, во кое неговиот Анжи е поразен од ЦСКА Москва со 4-3 по пеналите.
Камерун ја предводи групата И во африканските квалификации за Светското првенство во Бразил со шест бодови, второпласираната Либија има пет, ДР Конго четири, а последнопласираниот Того има само еден бод.