Корисничко име Лозинка Пријави се
17.12.2015

Литекс е исфрлен од лигата: Судиите го фаворизираат Левски

Литекс од Ловеч е исфрлен од бугарската А лига бидејќи играчите го напуштија теренот минатиот викенд на натпреварот против Левски, соопшти Фудбалската федерација на Бугарија.

Тимот кој го водеше Љупко Петровиќ беше незадоволен од судењето бидејќи арбитерот исклучи два фудбалера и досуди пенал за Левски, поради што фудбалерите го напуштија теренот на инсистирање на спортскиот директор Стојчо Стоилов и претседателот Трифун Попов.
„Тоа беше единствена можна одлука според дисциплинските правила“, изјави претседателот на дисциплинската комисија на БФУ, Јури Кучев и додаде дека клубот има право на жалба во рок од седум дена.
Дека се фаворизира Левски мислат и луѓето на актуелниот шампион Лудогорец, чиј претседател Кирил Домушчиев се закани со напуштање на лигата доколку судиите продолжат да работат во корист на тимот од Софија.
Литекс е еден од најуспешните клубови во Бугарија, а во последните две децении освои четири шампионски титули и исто толку купови.
По 20-тото коло во бугарската А лига Лудогорец и Левски ја делат првата позиција со по 38 бодови, додека пак Литекс е четврти со 33 бодови.

Најнови вести