Корисничко име Лозинка Пријави се
02.10.2014

Роналдо: Како да игравме рагби против Лудогорец

Кристијано Роналдо, најдобриот фудбалер на Реал од Мадрид, натпреварот против бугарскиот Лудогорец го спореди со рагби и додаде дека противничките играчи биле премногу груби.

Португалскиот напаѓач се здоби со повреда на глуждот во финишот на натпреварот по остриот удар на еден од фудбалерите на Лудогорец.
„Добив силен удар, имам отворена рана и останува да се види сериозноста на повредата. Тоа беше многу грд потег на бугарскиот играч и неколку пати ми се чинеше дека игра натпревар во рагби. Најважно е дека ги зедовме трите бодови и дека се наоѓаме на добар пат да се пласираме во осминафиналето“, изјави Роналдо за шпанскиот весник „Ас“.
Реал потешко отколку што очекуваше оствари победа во Софија (2-1), откако по заостанувањето од еден гол успеа да направи пресврт во резултатот, а стрелци беа Роналдо и Карим Бензема.
„Лошо го почнавме натпреварот, тие постигнаа гол и такви работи се случуваат. Никој не е совршен, па ниту ние. Успеавме веднаш да се вратиме. Лудогорец е добар тим, тоа го докажаа и против Ливерпул, но не можам да се сетам дека против нас создадоа многу шанси. Ниту ние не одигравме одлично, но ја остваривме целта“, изјави Роналдо.
По двете одиграни кола, Реал во групата Б од Лигата на шампионите има максимални шест бодови, Базел и Ливерпул имаат по три додека Лудогорец е без бодови.

Најнови вести