21.6.2012 Спалети блиску до клупата на Русија
Италијанскиот стручњак има отворена понуда од Руската фудбалска федерација да го наследи Дик Адвокат на клупата на Русија.
Лучијано Спалети е главен кандидат за нов селектор на Русија. Искусниот стручњак има бланко понуда од фудбалскиот врв на Русија, а како што јавуваат медиумите од таа земја, тренерот на Зенит е многу блиску до одлуката да го прифати големиот предизвик.
Спалети, според истите извори, би останал на клупата на клубот од Санкт Петербург, со кој и оваа сезона ја освои шампионската титула во руската Премиер лига, а кого го води од 2009 година.
Досегашниот селектор на Русија беше холандскиот стручњак Дик Адвокат, кој уште пред почетокот на Европското првенство во Полска и Украина соопшти дека ќе ја напушти клупата на Русија, а во следната сезона ќе го преземе ПСВ од Ајндховен.