Корисничко име Лозинка Пријави се
16.8.2018

Зенит како Барса – пораз од 0-4, па пласман понатаму

Артем Ѕјуба со трите гола, од кои клучниот од пенал во 116-тата минута, беше најзаслужен за чудото и победата од 8-1

Барселона преклани даде пример дека и по пораз од 0-4 во прв меч, не мора да значи елиминација и успеа да приреди чудо против ПСЖ (победа од 6-1), а вечерва истиот подвиг го направи и Зенит, кој беше декласиран од Динамо во Минск со 0-4, но дома триумфираше 8-1 по 120 минути игра. Зенит за ривал во баражот за Лигата на Европа ќе го има норвешки Молде.
При 1-0, во 30-тата минута оправдано беше поништен гол на Динамо, бидејќи беше постигнат од офсајд. Зенит во 66-тата минута зголеми на 2-0, но шест минути подоцна Паредес (стрелец на првиот гол) доби црвен картон. Тоа не беше којзнае каков хендикеп за рускиот тим, бидејќи и со играч помалку, домашните успеаја да постигнат уште два гола, а двоен стрелец беше Ѕјуба во 75-тата и 79-тата минута. 
Јунак на белорускиот тим можеше да биде Јахаја. Фудбалерот од Гана својот прв гол во дресот на клубот од Минск го постигна во 99-тата минута и на Динамо му донесе значајна предност. Но, во 108-мата минута Зенит поведе со 5-1 и си ја врати надежта дека може да оди понатаму, а во 116-тата дојде и тој толку посакуван шести гол (Ѕјуба од пенал), кој ги носеше понатаму. Гостите тука паднаа, па до крајот примија уште два гола. 
Од мечевите кои почнаа од 18.30 и 19 часот, пласман во плејофот за влез во групите во ЛЕ обезбедија уште и Копенхаген, Лајпциг, АПОЕЛ, Клуж, Торпедо Кутаиси, Митјиланд, Молде, Судува и Севилја. 

 

Најнови вести