Корисничко име Лозинка Пријави се
15.6.2016

Чиле се провлече, продолжува доминацијата на Аргентина

Репрезентацијата на Чиле се избори за пласман во четврт-финалето на Копа Америка заедно со доминантната Аргентина.

Бранителот на титулата ја совлада репрезентацијата на Панама со 4-2 во директен дуел за второто место во Групата Д.
Аргентина продолжи да ги победува ривалите, беше убедлива и против Боливија со 3-0 и со максимални девет бодови ја освои групата со гол разлика 10-1.
Чиле ги загрижи сите навивачи кога Камарго во петтата минута ѝ донесе водство на Панама, но Едуардо Варгас го донесе пресвртот со два гола до крајот на првото полувреме.
Триумфот на Чиле во второто полувреме го потврди Алексис Санчес со два гола, а во меѓувреме Аројо само ја одржуваше надежта на Панама.
Од друга страна, Херардо Мартино повторно го остави Лионел Меси на клупата на почетокот на натпреварот, но Аргентина веќе до полувремето го реши дуелот со Боливија.
Езекиел Лавеци беше асистент и стрелец, а по еден гол постигнаа уште и Ерик Ламела и Виктор Куеста.
Најдобриот фудбалер на светот шансата ја доби на самиот старт во второто полувреме, но не успеа дополнително да му се доближи на најдобриот стрелец во историјата на Аргентина, Габриел Батистута, зад кој заостанува со три гола.
Аргентина во четврт-финалето на Копа Америка ќе игра против Венецуела, додека пак противник на Чиле ќе биде селекцијата на Мексико.
Во преостанатите две четврт-финалиња ќе се сретнат домаќините САД и Еквадор, и селекцијата на Перу против Колумбија.

Најнови вести