Корисничко име Лозинка Пријави се
15.11.2015

Украина и Шведска со предност по првите дуели во баражот

Репрезентациите на Украина и Шведска ги победија Словенија, односно Данска на првите натпревари од баражот за пласман на Европското првенство во 2016 во Франција.

Украина во Лвов беше многу подобар противник и можеше да слави и поубедливо, но победата од 2-0 најверојатно ќе им биде доволна за пласман на Евро.
Избраниците на селекторот Форменко почнаа со опсадата на голот на гостите од почетокот, а првиот гол го постигнаа во 22-та минута. Јермоленко прифати една одбиена топка, со одличен потег се ослободи од тројца противнички фудбалери и рутински го погоди спротивниот агол.
Иако Украинците продолжија со доминацијата, со тој резултат заврши полувремето, а вториот гол го постигна на Селезњов во 54-тата минута. Украинскиот напаѓач немаше тешка работа – по десната страна се проби Федетскиј, остро нафрли на втората статива каде Селезњов непречен од никого ја затресе мрежата.
Швеѓаните во Солна беа подобри од Данска, но натпреварот можеше да отиде во друг правец кога гостите во финишот имаа неколку опасни напади.
Средбата на двата големи ривали почна со иницијатива на домаќинот, а до водството се чекаше до самиот финиш на првиот дел по една одлична акција на домаќинот.
Дурмаз со пета одлично го проигра Лустиг на десната страна кој нафрли на пеналтикот и го најде Форсберг кој шутираше на прва и го погоди спротивниот агол.
Во 50-тата минута над стрелецот на голот беше направен фаул во шеснаесетникот, судијата Рицоли досуди пенал, а сигурен од белата точка беше Златан Ибрахимовиќ за водство од 2-0.
По неколку пропуштени полушанси Данците стигнаа до голот. Ериксен нафрли од корнер, Поулсен беше највисок во скокот и ја проследи топката до Јергенсен кој од еден метар го постигна првиот гол во репрезентативната кариера.
Од тој момент Данска тргна во целосна офанзива и преку Поулсен и Ериксон го загрозија голот на Швеѓаните, но резултатот до крајот остана непроменет, 2-1.
Реваншите на двата натпревари се играат во вторник.

Најнови вести