Корисничко име Лозинка Пријави се
03.9.2018

Данска преку оглас бара репрезентативци

Распад-систем е во селекцијата која одигра одлично на СП во Русија

На Мундијалот во Русија, Данска покажа фудбалско знаење. Репрезентацијата испадна во осминафиналето откако на пенали беше елиминирана од Хрватска. Сега, само два месеци по Светското првенство во Русија, се случува целосен распад на националниот тим на Данска. 
За два дена Данска треба да одигра пријателски меч на гости кај Словачка, но денеска на договореното место за тргнување на пат, не се појави ниту еден фудбалер. Авионот замина само со новинарите, а од играчите ни трага ни глас. 
Причина за непојавувањето на играчите е кавгата со челниците на Федерацијата, и тоа околу комерцијалните права. Селекторот Аге Хареиде ги повика најдобрите играчи, но откако никој не се појави, си замина „на одмор“. Сега Данска нема ниту репрезентативци, ниту селектор, а за 48 часа треба да игра дуел против Словачка.
Да биде ситуацијата уште поалармантна, за шест дена Данска треба да гостува и кај Велс, но тоа ќе биде меч од Лигата на нациите на УЕФА. Проблемот околу парите најдобро може да се објасни со првата ѕвезда на тимот, Кристијан Ериксен. 
Спонзор на репрезентацијата на Данска е „Хумел“, кој направи кампања во која сака да учествуваат и фудбалерите. Тоа не им се допаѓа на останатите спонзори кои имаат договори со фудбалерите. Ериксен има богат договор со „Најки“, фирма која сигурно нема да сака да го гледа својот клиент како рекламира ривалска компанија. 
Од Федерацијата на Данска засега не сакаат да преговараат, па затоа и расте незадоволството кај играчите. Од Федерацијата решија со писмо да ги повикаат сите оние играчи од првата и втората лига кои би сакале да играат за националниот тим за да може да состават тим за дуелот против Словачка. Засега нема заинтересирани, па можно е Данска и службено да ги загуби следните мечеви.

 

Најнови вести