Корисничко име Лозинка Пријави се
13.10.2018

На јубилејот за 25 години, го чекаме 250 погодок за Македонија

Во досегашната историја нашата репрезентација одиграла вкупно 222 натпревари

Датумот 13 октомври засекогаш ќе биде запишан со златни букви во фудбалската историја на Македонија. На овој датум, пред точно 25 години, нашата најдобра селекција го одигра првиот официјален натпревар.

Беше тоа пријателска средба против Словенија во Крањ, а Македонија започна триумфално. Победа од 4:1 за „црвено-жолтите“ и историски прв погодок постигнат од Зоран Бошковски-Чоко.

Од тој 13 октомври 1993 година, до денес, Македонија има одиграно точно 222 натпревари. Вечерва на програмата е 223 дуел и тоа против Лихтенштајн, на арената „Филип Втори“ во Скопје. Досегашниот биланс е 63 победи, 57 нерешени средби и 102 порази. Гол разликата е 249 дадени погодоци и 299 примени. Тоа значи дека вечерва можеме да се израдуваме на 250 погодок за националниот тим, но и да тагуваме за 300-от примен погодок.

ВКУПНО 12 КВАЛИФИКАЦИСКИ ЦИКЛУСИ БЕЗ УСПЕХ, ДАЛИ „13-КА“ ЌЕ НИ БИДЕ СРЕЌНА

Во четврт век од постоењето на националниот тим, Македонија се нема израдувано на голем успех. Нема пласман на големо натпреварување, иако досега репрезентацијата има одиграно по шест квалификациски циклуси за Европско и за Светско првенство.

Во квалификациите за пласман на Европско првенство, вкупно имаме одиграно 58 натпревари, а билансот е 11 победи, 14 нерешени и 33 порази, со гол разлика од 59 дадени и 90 примени голови. Кога се работи за квалификации за СП, Македонија во 60 меча во обид да стигне до Мундијал, има 14 победи, 12 реми и 34 порази. Гол разликата е 72:104.

Можеби најголема шанса за пласман на завршницата на големо натпреварува, Македонија ја има токму сегам во 13-тиот квалификациски циклус за големо натпреварување. Во Лигата на нации, нашата селекција е првопласирана и со евентуален нов триумф вечерва против Лихтенштан, ќе бидеме пред промоција на првото место во групата. Ако тоа се случи, би значело дека Македонија ќе биде меѓу оние четири селекции од сегментот Д, кои ќе се борат за местото кое води директно на Европското првенство во 2020 година.

СМЕ НЕМАЛЕ РИВАЛ САМО ОД ОКЕАНИЈА

Најмногу натпревари Македонија има одиграно против ривали од европската зона, односно членки на УЕФА. Дури 190 натпревари против европски противници, а билансот е 59 победи, 45 нерешени и 86 порази со гол разлика 227:260.

Потоа следат дуелите против слекциите од азиската конфедерација. Против нив во 19 меча имаме само една победа и тоа против Катар. Дури 10 порази и осум нерешени средби покажуваат дека не ни лежат овие ривали со кои имаме гол разлика од 10 дадени и 23 примени голови.

Против ривали од Африка имаме пет меча, на кои три пати сме ремизирале, а сме загубиле два пати. Со национални селекции од Конкакаф зоната имаме 4 меча и тоа со позитивен биланс од 2 победи, едно реми и 1 пораз (5:2 гол-разлика). Само против Еквадор имаме одиграно против селекции кои се од КОНМЕБОЛ зоната во Јужна Америка. На таа средба победивме со 2:1. Од земјите кои веќе не постојат. 3 дуели со Србија и Црна Гора и три порази. Единствено ниту еден меч немаме одиграно од репрезентациите кои се дел од Океанија.

Македонија е голем фаворит на денешниот дуел против Лихтенштајн и очекуваме радост на денот на кој пред точно 25 години го одигравме првиот натпревар во фудбалската историја.

 

Најнови вести