Корисничко име Лозинка Пријави се
04.9.2018

Данска може да не игра во квалификациите за ЕП 2020!?

Ниту еден играч не сака да го облече репрезентативниот дрес

Фудбалската репрезентација на Данска се наоѓа пред голем срам, но и опасност, доколку не се најдат играчи кои ќе го облечат репрезентативниот дрес. Селекцијата која само пред два месеца играше на Светското првенство во Русија и стигна до осминафиналето, сега се соочува со бизарен проблем.  
Поради недоразбирање околу комерцијалните права меѓу Федерацијата и репрезентативците, Данска нема ниту еден фудбалер од националниот тим. Сите играчи решија да бојкотираат поради лошиот договор за нив кој го направила Федерацијата. 
Сите овие проблеми доаѓаат само еден ден пред пријателскиот меч што треба да го одигра Данска на гости против Словачка. Во авионот во којшто требаше да патуваат фудбалерите, се качија само новинарите. 
Селекторот Аге Хареиде упати покана до најдобрите фудбалери, но откако никој не се јави на подготовките, стратегот најави дека „оди на одмор“. Од Федерацијата по секоја цена се обидуваат да состават тим за дуелот против Словачка, но засега слабо им оди. 
„Се надевам дека многу дански фудбалери ќе сакаат да ѝ помогнат на својата репрезентација во моменти кога е важно да се избегне казна од УЕФА, која ќе ја добиеме ако не го одиграме закажаниот натпревар“, стои во соопштението на Федерацијата. 
И поквај ваквите јавни барања, ниту еден играч од првата данска лига, но дури и од втората и третата лига не прифатиле да играат за репрезентацијата. 
По пријателскиот меч со Словачка, Данска треба да ги започне и натпреварите во Лигата на нациите, кога гостува кај Велс. Доколку не биде одигран и тој меч, на Данска ѝ се заканува опасност дури да биде исфрлена и од квалификациите за Европското првенство 2020 година, односно да ја загуби можноста да се бори да биде дел од завршницата на континенталниот собир.