08.4.2015 Преседан: Судијата ја поништи одлуката гледајќи ја снимката на видеобимот
Дуелот на аргентинскиот шампионат меѓу Велес и Арсенал Саранди(2-1) нема да остане запаметен по фудбалското мајсторство, туку по одлуката на судијата да ја поништи својата одлука. И тоа не каква било.
Главниот арбитер Херман Делфино најпрво досуди пенал и додели втор жолт картон, односно црвен картон на играчот на гостинот Арсенал Саранди поради наводно играње со рака во својот шеснаесетник, а само неколку моменти подоцна одлучи да ја поништи својата одлука. Судијата на снимката која се појави на видеобимот на стадионот увидел голема грешка и исклучениот играч го врати на теренот, а на домашниот фудбалер му покажа жолт картон.
Ова, секако, е преседан во историјата на фудбалот во Аргентина и судијата Делфино би можело да биде казнет од матичната федерација, но и од ФИФА.
„Совеста ми е чиста. Увидов дека сум погрешил и ја променив одлуката. Знам дека тоа е спротивно на правилата, но не сакав никого да оштетам“, изјави Делфино.