Корисничко име Лозинка Пријави се
03.9.2018

Фудбалер на годината ќе биде Модриќ или Роналдо

Меси и Гриезман извисија, а Салах, кој не освои ништо, е изненадувањето на подиумот од тројца финалисти

Кристијано Роналдо или Лука Модриќ ќе биде најдобар фудбалер на светот за 2018 година е заклучокот кој може да се извлече откако ФИФА ги објави тројцата финалисти за играч на годината. Третиот кандидат е Мохамед Салах, но појавувањето на Египќанецот е големо изненадување, бидејќи тој не освои никаков трофеј. 
Во изборот за фудбалер на годината, 50 отсто од гласовите се од капитените и селекторите на сите репрезентации во светот, а по 25 отсто се добиваат од гласовите на навивачите и новинарите. 
Роналдо, кој ја доби оваа награда во минатата година, беше прв стрелец во Лигата на шампионите и со Реал Мадрид го освои тоа натпреварување, но освен на првиот меч со Шпанија, кога даде три гола, не блескаше на Светското првенство. 
Модриќ беше „мозокот“ на Реал во освојувањето на европската титула, а беше прогласен и за најдобар играч на СП во Русија, каде што со Хрватска дојде до финалето. 
Салах не освои ништо, на СП испадна рано, но имаше одлична сезона во Ливерпул, со кого дојде до финале во ЛШ и беше прв стрелец во Премиер лигата со рекорден број голови. 
Појавувањето на Салах е големо изненадување. Се претпоставуваше дека во најдобрата тројка ќе има место за Антоан Гриезман (светски првак со Франција и во Лигата Европа со Атлетико) или за Лионел Меси, кој со Барселона константно прикажува добри игри и на Каталонците им донесе двојна титула во Шпанија. Меси го нема меѓу тројцата најдобри на светот по цели 12 години. 
Наградата ќе се додели на 24-ти септември во Лондон. Ќе се прогласат и најдобра фудбалерка, најубав гол, тренер на годината, најдобар голман и награда за најверни навивачи.   

 

Најнови вести