08.9.2014 Серина ја освои 18-тата грен слем титула
Американката Серина Вилијамс по шести пат во кариерата го освои Отвореното првенство на САД, откако во финалето со 2-0 ја победи Каролина Возњацки.
Помладата од сестрите Вилијамс годинава беше супериорна и без загубен сет ја освои третата титула по ред во Њујорк.
Во финалниот дуел на „Артур Еш“ помладата од сестрите Вилијамс на Вознијацки и препушти само три гејма во двата сета и за 77 минути го освои големиот пехар.
Триесет и двегодишната Серина Вилијамс на „Флешинг Медоуз“ го одигра своето 22-ро грен слем финале и ја освои 18-тата титула, со која им се придружи на легендарните тенисерки Крис Еверт и Мартина Навратилова на четвртото место на вечната листа со еднаков број освоени трофеи на големите турнири. Пред овие три тенисерки се: Маргарет Корт-Смит (24 титули), Штефи Граф (22) и Хелен Вилс Муди (19).
Вилијамс на претходните три грен слем турнири во оваа сезона не стигна ниту до четврт-финалето, додека во Њујорк заработи три милиони долари и бонус од еден милион за успешниот настап на американската турнеја.
Каролина Возњацки е единствениот светски рекет број еден кој не освои ниту една грен слем титула. Со Серина го играше своето второ финале, а во првото во 2009 година беше поразена од Белгијката Ким Клејстерс.