Корисничко име Лозинка Пријави се
14.9.2015

Ѓоковиќ преку Федерер до десеттиот грен слем во кариерата

Србинот и Швајцарецот во Големото јаболко ги вкрстија копјата по 42-ри пат во кариерата во одлучувачкиот меч на Отвореното првенство на САД.

Оваа година одиграа дури пет финалиња - Ѓоковиќ го доби најважното во Вимблдон, а беше подобар на турнирите од серијата 1.000 во Индијан Велс и во Рим. Федерер го подигна трофејот во Дубаи и во Синсинати.
Во шестото, можеби и најважно во Њујорк повторно славеше српскиот тенисер кој го совлада Федерер со 3:1 (6:4, 5:7, 6:4, 6:4) за три часа и 23 минути.
Тој славеше и покрај тоа што во четвртиот гем од дуелот се лизна, падна и заработи повреда на коленото, дланката и подлактницата на десната рака.
Србинот оваа година оствари уште еден подвиг, стана трет тенисер во историјата кој во една година бил учесник на сите четири финалиња на најголемите турнири.
Пред него, овој подвиг го остварија само Род Лавер (1969) и Роже Федерер (2006, 2007 и 2009 година).
„Тоа е дефинитивно најголемо достигнување. Четири финалиња, тоа навистина звучи одлично, три победи уште подобро, дефинитивно година за паметење“, изјави Ѓоковиќ.
Новак во 18-тото грен слем финале ја оствари десеттата победа.
Белграѓанецот инкасираше 3.300.000 долари како победник, додека поразениот Федерер од Њујорк си замина со чек од 1.600.000 долари
Новак доби и бонус од 500.000 долари врз основа на тоа што на американската серија на турнири го освои второто место во генералниот пласман.
Ова беше прво машко финале на грен слем кое го судеше жена, Ева Аздераки Мур.

Најнови вести