Корисничко име Лозинка Пријави се
27.8.2018

Време е за Отвореното првенство на САД - Ветераните Роже Федерер и Серина Вилијамс во атак на рекорди

Од денеска на терените на „Флешинг Медоуз“ во Њујорк почнува последниот Гренд слем тениски турнир, а во фокусот се великаните Роже Федерер и Серина Вилијамс

По 50-ти јубилеен пат денеска на комплексот терени на „Флешинг Медоуз“ ќе почне еден од најпрестижните спортски настани, тенискиот Гренд слем турнир во Њујорк. Педесетката е во знакот на организаторот, американската тениска асоцијација, која диригира со настанот по 50-ти пат. Турнирот има многу подолга традиција, ќе се игра по неверојатен 138-ми пат, но одамна не бил во знакот на вакво исчекување.
Во преден план се великаните и ветераните на тениската игра,. Роже Федерер и Серина Вилијамс. Веќе во залезот на кариерата, Швајцарецот и црномурестата Американка ќе се обидат да го зададат веројатно и последниот прецизен удар во Њујорк, на Отвореното првенство на САД. Федерер има 37 години, ќе се обиде со подвиг и шеста титула да се израмни со Џими Конорс и Пит Сампрас, кои имаат најмногу, по 6 трофеи во Њујорк. Федерер има пет и пропушти златна шанса за да им се приклучи на двајцата рекордери во 2009 година. Тогаш, во финалето, имаше предност од 2:0 против Хуан Мартин дел Потро, но на чудесен начин загуби од Аргентинецот со 2:3. Ако успее да ја надигра конкуренцијата, за него тоа би била 21-ва Гренд слем титула.
Сепак, фаворит број 1 е Новак Ѓоковиќ, тука како и секогаш е и Рафаел Надал, а енигма е дали веќе се најавува смена на генерации со новите талентирани момчиња. Во класата идни шампиони би требало да бидат Димитров, Зверев, Циципас, Шаповалов, можеби уште некој, а токму на Отвореното првенство на САД за нив е последната шанса во 2018 година со Гренд слем титула да се најават како нови големи шампиони на тениската игра.
Кај дамите, во фокусот е Серина Вилијамс. Најтрофејната активна тенисерка има шанса со нов триумф на 36-годишна возраст да се израмни со рекордниот број на Гренд слем титули, 24 на Маргарет Корт. И да ја освои седмата во Њујорк, местото каде што лани не играше, поради бременост. Серина вели дека  не е во првиот ред на фаворити, но знае дека ова е една од последните шанси за да ја стаса легендарната Корт. 
Титулите од лани ги бранат Рафаел Надал и Слоун Стивенс, а наградниот фонд е 53 милиони долари.

 

Најнови вести