27.8.2018 Најдобрата тенисерка на светот се посрамоти во Њујорк
Симона Халеп е елиминирана уште во првото коло на Отвореното првенство на САД
Романката Симона Халеп, која е прворангирана тенисерка на ВТА-листата, го заврши својот настап на Отвореното првенство на САД, откако уште во првото коло испадна од Каја Канепи (44-та на светот). Естонката, која има 33 години, славеше со 6-2, 6-4 и го приреди првото големо изненадување на женскиот дел од последниот Гренд слем турнир годинава.
Халеп која годинава го освои „Ролан Гарос“, дојде како фаворитка за титулата на „Флешинг Медоуз“, а си оди само по 77 минути игра. Според случувањата на теренот, изгледаше како Канепи да е најдобрата тенисерка на светот.
Температурата на воздухот во Големото Јаболко е околу 30 степени, но тоа не треба да биде оправдување за Халеп која никако не можеше да излезе на крај со агресивната и мотивирана противничка. Халеп играше добро само кога од 0-3, дојде до 4-4 во вториот сет, но ги загуби последните два гема.