20.8.2018 Ѓоковиќ скокна четири места на АТП-листата
Србинот не брани поени од лани, па до крајот на годината може да се врати дури и на прво место
Новак Ѓоковиќ од десетто, се искачи на шестото место на АТП-листата и го направи најголемиот скок меѓу најдобрите светски тенисери. Србинот го освои Мастерсот во Синсинати, освои 1.000 поени и сега е на делба на шестата позиција со Марин Чилиќ.
Рафаел Надал остана лидер, пред Федерер и Хуан Мартин дел Потро. Четврти е Александр Зверев, додека петти е Кевин Андерсон, кој напредуваше за една позиција. Најголем пад во Топ 10 имаше Григор Димитров, кој падна за три места и назадуваше од петтото на осмото место.
Од Македонците, највисоко е пласиран Томислав Јотовски, и тоа на 702-рото место, што е напредок за 15 места во однос на минатиот понеделник.
На женската ВТА-листа немаше големи поместувања меѓу најдобрите. Симона Халеп се зацврсти на прво место, Каролина Возњацки е втора, Слоун Стивенс и понатаму е трета, четвртата позиција е за Анџелик Кербер. „Рокада“ направија Петра Квитова и Каролин Гарсија, па сега Чехинката е петта, а Французинката шеста.
Нашата Лина Ѓорческа е на 604-то место, падна за четири позиции во споредба со претходната недела.