23.8.2018 Лина немаше сили за уште еден пресврт
Македонската тенисерка е елиминирана во квалификациите за Отвореното првенство на САД
Македонската најдобра тенисерка Лина Ѓорческа загуби со 1:2 во сетови во дуелот со Јана Фет од Хрватска и е елиминирана во второто квалификациско коло на Отвореното првенство на САД. Ѓорческа, која е на 604-тото место на ВТА-листата, даде голем отпор на противничката која е за речиси 500 места подобро рангирана во светскиот тенис.
Скоро два часа траеше битката за пласман во третото коло од квалификациите. Фет го доби првиот сет со 6:3, а потоа следуваше многу подобра игра на Лина. Во вториот сет, нашата тенисерка успеа да направи два брејка и го доби овој дел со 6:2, за израмнување на 1:1 во сетови.
Во решавачкиот трет сет двете тенисерки започнаа сигурно на свој сервис и беше 2:2. Клучнот момент се случи во петиот гем од третиот сет, кога хрватската тенисерка успеа да направи брејк и да поведе со 3:2, а потоа стигна и до 4:2. До крајот на мечот, Лина успеа да добие само уште еден гем, па Фет на крајот се радуваше со 6:3.
Ѓорческа вчера успеа да ја победи Лорен Дејвис од САД, и тоа со пресврт, бидејќи Американката имаше водство од 1:0 во сетови. Лина вечерва не успеа да направи уште еден пресврт со многу подобро рангираната тенисерка од неа и го заврши настапот на последниот Гренд слем турнир за оваа година.