Корисничко име Лозинка Пријави се
09.9.2018

Осака е јапонската тениска царица

Во контроверзното финале таа беше подобра од нејзинот идол Серина Вилијамс.

Наоми Осака со 6-2, 6-4 ја совлада 16 години постарата Серина Вилијамс во финалето на Отвореното првенство на САД во тенис и стана првата Јапонка која освоила Гренд слем. 

По завршувањето на мечот, двете финалистки беа во солзи. Осака од радост, бидејќи не можеше да си поверува дека триумфираше против тенисерката која е нејзин идол и која пред десетина години ја молеше да се сликаат. 

Вилијамс плачеше од тага и фрустрација, откако во финишот на вториот сет се скара со судијата, кој ја казни со губење прво на поен, а потоа и на цел гејм, за добивање инструкции од тренерот, за навреди кон судијата Карлос Рамос и за кршење на рекетот на теренот. Американката испушти шанса да се изедначи со Маргарет Корт, која има 24 Гренд слем титули, рекорд кој стои цели 45 години. 

Досега Осака имаше само еден освоен турнир, а сега не само што ќе напредува на ВТА-листата туку доби и голем чек и награда дури од 3,8 милиони долари. 

„Можеби во наредните денови ќе сфатам што сум направила. Тешко беше да се фокусирам само на тенисот, мислев дека нема да можам да ги контролирам нервите. Серина добро се однесуваше кон мене, јас ја паметам само по добро. Како дете си замислував дека играм финале против неа“, вели 20-годишната Осака, која е осмиот различен освојувач на Гренд слем на последните осум големи турнири. 

 


Најнови вести