Корисничко име Лозинка Пријави се
09.9.2014

Чилиќ го освои Отвореното првенство на САД

Хрватскиот тенисер Марин Чилиќ ја освои својата прва Гренд слем титула во кариерата, откако во финалето на Отвореното првенство на САД го декласира Кеи Нишикори со 6:3, 6:3, 6:3.

Тоа е втор пат во историјата Хрватска да има шампион во Гренд слем во машки сингл, по титулата на Горан Иванишевиќ на Вимблдон во 2001 година.
Иванишевиќ е еден од најзаслужните за успехот на Чилиќ, тој како негов тренер од играта на Марин го извлече максимумот, му ги стабилизира сервисот и психата, а сето тоа е крунисано со максимални победи над Федерер и Нишикори за историски трофеј.
Марин одигра одличен меч, на Јапонецот му дозволи само еден брејк, и тоа во вториот сет, кога веќе имаше двојна брејк предност. Сите останати шанси на Нишикори Чилиќ ги неутрализира, од тие во првиот гем-меч, до трите спасени брејк топки при резултат од 4:2 во третиот сет.
Нишикори не беше ниту блиску до нивото кое го доведе до финалето – нервозата и заморот го направија своето, многу слабо се движеше и во ниеден момент не делуваше како да може до победа.
Ова беше прво Гренд слем финале од 2005 година во кое не беа ни Федерер, ни Ѓоковиќ ни Надал. Немаше спектакл, најмногу поради бледиот Нишикори, а Чилиќ во текот на целиот турнир играше одлично и заслужено го освои трофејот.
Освен со најголемата титула во кариерата, Чилиќ за титулата е награден и со враќање во Топ 10-те, од понеделник ќе биде деветти на АТП-листата.


Најнови вести