22.1.2015 Азаренка се погрижи за ново изненадување
Второто коло во горната половина на ждрепката кај дамите донесе само едно изненадување, барем според рејтингот на тенисерките за коишто се работи.
Викторија Азаренка, моментно 44-тата тенисерка на планетата, ја елиминира Каролина Возњацки, која беше одредена за осми носител во Мелбурн, во два сета. Азаренка испушти само шест гема и во следниот дуел ќе игра со Барбара Захлавова-Стрицова.
Серена Вилијамс, најдобрата тенисерка на светот, беше убедлива против Вера Звонарева. Иако првиот сет најавуваше поголема борба, Серена вториот го доби со 6:0 за вкупно 27 минути игра. Во наредното коло првиот носител ќе игра против Елина Свитолина, 26-от носител.
Петра Квитова, четвртиот фаворит, беше убедлива во дуелот со Мона Бартел и во третото коло ќе се сретне со Медисон Киз, која во втората рунда ја елиминира Кејси Делаква.
И Агњешка Радванска лесно помина во третото коло - со победа во два сета против Џоана Ларсон. Следна противничка на шестата фаворитка ќе ѝ биде Варвара Лепченко.