Корисничко име Лозинка Пријави се
31.1.2014

Возњацки повторно го смени тренерот

Поранешната прва светска тенисерка Каролина Возњацки го отпушти тренерот Томас Хогштед и на негово место го доведе Данецот Микаел Мортенсен.

Како што наведуваат данските медиуми, причина за отказот на Хогштед, кого го ангажира во ноември минатата година, е неговото заминување на одмор наместо со Каролина во Дубаи на тренинзи.
Данката продолжува да ги менува тренерите како на лента, откако и Рикардо Санчес и Томас Јохансон ги отпушти по неколку месеци работа.
Мортенсен, кој работеше со На Ли во времето кога таа ја освои титулата на „Ролан Гарос“, уверен е дека ќе има успеси со Возњацки.
„Мора повторно да ја пронајде радоста во тенисот – и во мечевите и на тренинзите. Многу работи се случија со нејзината игра, би сакал да видам некоја мешавина од нова Каро и старата Каро. Порано многу го менуваше ритамот, сега не го прави тоа. Таа е одличен стратег и мора да биде разновидна“, изјави Мортенсен.
Возњацки моментно се наоѓа на 11-тото место на ВТА-листата, а на Отвореното првенство на Австралија испадна во третото коло.