22.4.2014 Капело најави крај на кариерата: Сакам да си одам како Фергусон
Фабио Капело, селекторот на репрезентацијата на Русија, најави крај на тренерската кариера по завршувањето на Мундијалот во Русија во 2018 година.
Тој нагласи дека цел на „зборнајата“ е пласман во четврт-финалето на Светското првенство во Бразил оваа година, што ќе биде нејзино прво учество на Мундијалот од 2002 година.
„Планираме четврт-финале, но ако играме навистина добро, можни се изненадувања“, изјави Капело и додаде дека никој не очекувал дека Русија ќе заврши прва во квалификациската група за Светското првенство во Бразил.
Италијанецот, исто така, изјави дека по Мундијалот во 2018 година ќе има 71 година и дека тоа ќе биде вистинско време за одење во пензија.
„Русија ми е последен ангажман. Сакам да бидам како Алекс Фергусон, кој ја заврши кариерата на 72 години“, додаде Капело.
Капело објасни дека главната причина зошто репрезентацијата се подготвува во Москва е во фактот дека играчите тука се најблиску до своите семејства.
„Ги познавам Русите. За нив најважно е да бидат со семејството“, изјави селекторот на Русија.