Корисничко име Лозинка Пријави се
22.8.2012

Тотенхем го откупи Адебајор

Емануел Адебајор вчера потпиша договор со Тотенхем, клубот за којшто последните 12 месеци ги одработи на заем.

Веста ја потврдија од Тотенхем на својата официјална интернет-страница. Тоа јасно зборува дека лондонскиот фудбалски премиерлигаш го откупил договорот на Тогоанецот од Манчестер сити. Засега не е познато по која цена, како што не се познати ниту деталите од неговиот нов договор со Тотенхем.
Британските медиуми, сепак, посочуваат дека за двете преостанати години од договорот со Сити, Тотенхем на кубот од Манчестер му исплатил пет милиони фунти оштета. Исто така, се верува дека Адебајор се согласил на намалување на платата од 170.000 фунти седмично.
„Мило ми е што се вратив. Тотенхем, доаѓам! Гладен сум за голови. Спреми се“, објави 28-годишниот центарфор на својот профил на „Твитер“, а подоцна во официјалната изјава додаде:
„Задоволен сум што дојдов во Тотенхем за постојано. Овде уживав минатата сезона и се надевам дека оваа би можеле да постигнеме нешто големо“.
Во 33 премиерлигашки настапи минатата сезона искусниот Адебајор блескаше постигнувајќи 17 голови и 11 пати асистирајќи им на соиграчите за гол. Со тоа остана единствен премиерлигашки играч со дабл-дабл минатата сезона.

Најнови вести