Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2018

Првакот си поигра со најслабата премиерлигашка одбрана

Дуелот на манчестерските и хадерсфилдските „граѓани“ беше игра на „мачка и глушец“

Манчестер сити го порази Хадерсфилд таун со 6:1, во меч од Премиерлигата кој мина во знакот на Серхио Агеро и Давид Силва. Аргентинецот Агеро ја отвори гол-серијата со убав гол, потоа стигна и до хет-трик, пред да биде повлечен од игра, а Шпанецот Силва постигна прекрасен гол од слободен удар како награда за креирањето многу опасни акции на својот тим. 
Агеро сега има девет хет-трика во Премиерлигата. Повеќе такви постигнувања од него во историјата има само Алан Ширер, кој 11 пати даваше три или повеќе голови на еден меч. 
Хадерсфилд во првите две кола сезонава прими дури 9 гола, и тоа покажува каде е нивната слабост. Тимот на тренерот Вагнер е многу мек. На дуелот со манчестерските „граѓани“, гостите направија само 4 фаули за 90 минути. Позитивно е што од единствениот шут, постигнаа гол, а треба да бидат среќни што не примија уште некој гол бидејќи противникот имаше над 30 шута кон голот. 
И Вотфорд има 6 бода од два меча сезонава, откако на гости го совлада Барнли со 3:1. Шанса да се придружи на групата клубови со 6 бода има и Манчестер јунајтед, кој од 17 часот гостува кај Брајтон во последниот денешен меч. 

 

Најнови вести