Корисничко име Лозинка Пријави се
27.8.2018

Меч на денот: Манчестер ј. – Тотенхем, кој е домаќин тој победува

На последните осум меѓусебни средби секогаш се радувал тимот кој играл пред своите навивачи

Манчестер јунајтед е пред вистински предизвик вечерва на „Олд Трафорд“. Најтрофејниот англиски клуб го пречекува Тотенхем, во меч со кој ќе се комплетира третото коло од Премиер лигата. 
„Црвените ѓаволи“ во претходното коло загубија на гости кај Брајтон и сега се под притисок да не дозволат уште еден кикс ако не сакаат уште во почетната фаза од шампионатот да заостанат зад водечките екипи. Менаџерот Жозе Мурињо веќе подолго време потенцира дека не е задоволен од составот што го има и дека со тие играчи нема да може да им парира на најдобрите. Токму дуелот против Тотенхем е негов прв голем тест. 
Мурињо тврди дека нема проблеми со атмосферата во тимот и дека не е скаран со Пол Погба. Од големо значење за домаќините ќе биде тоа дали Алексис Санчес ќе биде во составот или, сепак, ќе остане на клупата. Чилеанецот е еден од оние играчи кои може со само еден потег да го реши победникот. 
Кај гостите проблем ќе биде неиграњето на Сон, кој има репрезентативни обврски со Јужна Кореја, а Јансен е повреден. Лондонскиот тим со две победи стартуваше во новата сезона, но и на двата меча прими по еден гол, што покажува нестабилност во одбранбениот дел. 
Ова ќе биде 190-ти меѓусебен дуел, а Манчестер е доминантен низ историјата. Има 90 победи, додека Тотенхем се израдувал на 51 меч. На 49 средби немало победник. Интересно е тоа што на последните осум меѓусебни дуели, домашниот терен бил клучен фактор. Манчестер пет пати бил домаќин и се радувал на сите мечеви, а Тотенхем ги има добиено трите средби кои се играле во Лондон.
Последен пат нерешено било во декември 2014 година, кога дуелот завршил без погодоци, а Тотенхем бил домаќин. На „Олд Трафорд“ меч без голови немало уште од март 2009 година, што асоцира на тоа дека вечерва се очекуваат погодоци. 
За победа на Манчестер во нашите обложувалници се дава коефициент 2.60, додека ремито вреди 3.20. Триумф на гостите од Лондон е со коефициент 2.95. Што се однесува до погодоците, за 0-2 гола коефициентот е 1.80, додека за 3+ коефициентот е 2.00. 
МОЖНИ СОСТАВИ
Манчестер јунајтед: Де Хеа, Валенсија, Смолинг, Линделоф, Шоу, Матиќ, Погба, Фред, Мата, Лукаку, Санчес
Тотенхем: Лори, Трипие, Санчез, Вертонген, Алдервејрелд, Дејвис, Дембеле, Даер, Ериксен, Али, Кејн.

Најнови вести