07.12.2017 Гвардиола по првиот пораз: Задоволен сум од играта
Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека Шахтар заслужено ги победил „граѓаните“ во последното коло на Лигата на шампионите, но дека тоа не значи дека тој не е задоволен од неговиот тим.
Сити во дуелот со украинскиот шампион го доживеа првиот пораз оваа сезона бидејќи во гости изгуби со резултат 2-1. Шахтар до триумфот дојде со головите на Бербнард и Исмаили, а поразот на водечкиот тим на Премиер лигата го ублажи Серхио Агуеро од пенал во продолжението на времето.
„Им честитам, ова беше добар натпревар. Нивниот прв гол беше маестрален, а кај вториот не се браневме добро. Задоволен сум од тоа како играа играчите коишто сега добија шанса, а обично не е така. Овде дојдовме за да победиме, не успеавме во тоа, но се обидувавме до крајот. Задоволен сум од играта. Сега ќе се одмориме малку, а од четврток ќе се подготвуваме за натпреварот со Јунајтед“, изјави Гвардиола синоќа по натпреварот.
Манчестер сити групната фаза ја заврши со 15 бодови, три повеќе од Шахтар, а потоа следуваа Наполи со шест и Феенорд со три.
Паровите за осминафиналето на Лигата на шампионите ќе бидат извлечени на 11-ти декември.