Корисничко име Лозинка Пријави се
05.11.2016

Јаја се извини, Пеп не простува

Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, од доаѓањето на „Етихад“, постави високи критериуми во англискиот клуб.

Тој неодамна му порача на Јаја Туре дека не е во неговите планови сè додека јавно не се извини поради изјавата на својот агент Димитриј Селук.
Туре на својата страница на „Фејсбук“ јавно се извини, но шпанскиот стручњак потоа не можеше да му вети дали ќе го врати во првиот тим.
„Сакам да се извинам во свое име, но и во името на оние коишто ме претставуваат поради недоразбирањето во минатото. Изјавите на моите претставници не го претставуваат моето мислење за клубот и за луѓето коишто работат во него. Не чувствувам ништо друго освен почит кон клубот. Горд сум што дел од кариерата го поминав пишувајќи ја историјата на клубот и сакам да помагам. Им благодарам на навивачите за пораките со поддршка во тешкиот период“, изјави фудбалерот на „граѓаните“.
„Разговарав вчера со Јаја, но тоа беше приватен разговор. Знам што кажа и тоа е важно и за него и за клубот. Дали ќе игра во натпреварот со Мидлсборо? Јаја е на нашите тренинзи и на нашите состаноци. Знаете каква е ситуацијата, ништо не се променило“, изјави Гвардиола на конференција за медиумите.
Менаџерот на Манчестер сити го коментираше и инцидентот кој се случи во тунелот по натпреварот со Барселона, а во главната улога беше Лионел Меси, кој се скара со некого од Сити. Прво се шпекулираше дека во прашање е Фернандињо, а потоа се појави информација дека се работи за Микел Артета, помошникот на Гвардиола.
„Разговарав со него и невозможно е да е тој. Артета го почитува клубот, како и аргентинскиот напаѓач. Добро го познавам и тој е еден од најдобрите луѓе кои сум ги сретнал во животот и невозможно е да се расправал со уште една прекрасна личност како што е Меси. Прво пишувавте дека се работи за Фернандињо, сега е Артета, ќе видиме кој ќе биде утре и дали конечно ќе погодите“, изјави поранешниот тренер на Баерн и на Барселона.

Најнови вести