Корисничко име Лозинка Пријави се
01.11.2011

Касано се чувствува подобро

Милан ги отфрли медиумските шпекулации дека неговиот напаѓач Антонио Касано доживеал мозочен удар или привремена исхемија.

Како што се шпекулираше, на враќањето од главниот град на Италија, каде што Милан неколку часа порано на „Олимпико“ ја совлада Рома со 3-2, Касано е примен во болница поради непозната болест. Најнапред се шпекулираше дека Касано претрпел мозочен удар. Новата претпоставка беше дека Италијанецот страда од привремена исхемија, што е име за намалување на протокот на крв до одредени органи или делови од телото поради спазма или органска опструкција на крвните садови.
Милан официјално соопшти дека медиумските извештаи се само шпекулации и дека напаѓачот се чувствува сè подобро.
„Милан изјавува дека информациите кои циркулираат во јавноста во врска со здравствената состојба на Антонио Касано не може да се сметаат за валидни бидејќи не доаѓаат од медицински извори, како што се лекарската служба на клубот или докторите кои моментно го лекуваат нашиот играч. Исто така, информираме дека Касано се чувствува сè подобро и дека во следните денови ќе има и понатамошни тестови“, стои во соопштението од клубот.
Џузепе Боцо, агентот на Касано, исто така, сугерира дека неговиот клиент е сè подобар, откако разговарал со него.
„Разговарав со докторите кои не ми кажаа ништо за болеста. Но мојот впечаток е дека Антонио е навистина добро“, рече Боцо.

Најнови вести