Корисничко име Лозинка Пријави се
12.6.2015

Копа Америка: Аргентина, Бразил или некој трет?

Ноќеска почна 44-тото издание на Копа Америка, првенството на најдобрите репрезентации на Јужна Америка.

На турнирот во Чиле од 11-ти јуни до четврти јули титулата ќе ја брани Уругвај, а главни фаворити се Аргентина и Бразил.
Секако, не треба да се отпише ниту домаќинот, како ниту Колумбија, селекциите кои блескаа на Светското првенство минатата година. Во секој случај, нè очекува уживање: Меси, Нејмар, Тевес, Родригес, Видал, Кавани, Агуеро, Санчес... Сите ѕвезди на едно место.
Уругвај на минатата Копа Америка го шокираше домаќинот Аргентина, која го бара првиот трофеј во ерата на Лионел Меси, кој освои сè што е можно да се освои со Барселона, но не успева со „гаучосите“.
Луис Суарес ќе го пропушти турнирот поради суспензија, но Единсон Кавани е доволна гаранција дека Уругвајците и овој пат ќе бидат во тесна конкуренција за титулата, додека Меси ќе има голема помош од Карлос Тевес, Серхио Агуеро, Анхел ди Марија, Гонзало Игуаин...
Бразил со Нејмар бара искупување за дебаклот на Мундијалот на домашен терен минатото лето, Селесао освои четири од последните шест турнири.
Чиле во својот тим ги има одличните Артуро Видал и Алексис Санчес, како и помош од трибините, па нема сомнение дека ќе биде многу тешко да се запре.
Колумбија со Џејмс Родригес, Карлос Бака, Радамел Фалкао, Џексон Мартинес има напад кој може да ѝ конкурира на Аргентина, но прашање е дали тоа ќе биде доволно да се надиграат фаворитите.
Во игра може да се вмеша еден од гостите од Средна Америка, Мексико, селекција која одлично игра на големите турнири, а на овој Мигел Ерера доведе подмладен состав, чија цел е да се подготви за своето континентално првенство, Голд купот во САД во јули.
Учествуваат 12 репрезентации поделени во три група. По две првопласирани и две најдобри третопласирани ќе се најдат во четврт-финалето.
Група А: Чиле, Мексико, Еквадор, Боливија
Група Б: Аргентина, Уругвај, Парагвај, Јамајка
Група Ц: Бразил, Колумбија, Перу, Венецуела
Турнирот го отвори домаќинот Чиле со побеа над Еквадор утрово со 2-0. Утре  наутро се сретнуваат Мексико и Боливија, а вечерта се играат натпреварите во групата Б, Уругвај – Јамајка и Аргентина – Парагвај. Првото коло ќе се затвори со средбите Колумбија – Венецуела и Бразил – Перу во недела вечерта.

Најнови вести