Корисничко име Лозинка Пријави се
26.9.2014

Мецелдер: Имобиле е слаба замена за Левандовски

Поранешниот германски репрезентативец Криштоф Мецелдер изјави дека е разочаран од слабите игри на Чиро Имобиле во дресот на Борусија Дортмунд.

Мецелдер смета дека 24-годишниот италијански напаѓач е преплатен во трансферот од Торино (18 милиони евра), па се сомнева дека може да го надополни заминувањето на Роберт Левандовски.
Имобиле од почетокот на сезоната постигна два погодоци на шест натпревари, против Арсенал во Лигата на шампионите и против Штутгарт во Бундеслигата.
„Системот на Клоп е предизвик за секој нов играч. Не е лесно ниту да се прилагодиш кога ќе дојдеш од друга лига. Тоа можете да го видите и со Адријан Рамос, и тој бара улога во системот. Потребно е време, така беше и со Левандовски. Прашањето е дали Имобиле како голгетер од казнениот простор се вклопува во системот на Клоп?“, изјави Мецелдер.
„Против Арсенал играше одличен пресинг, но дали Имобиле може да одигра повеќе кога на Борусија тоа ѝ е потребно од напаѓач како што тоа перфектно го работеше Левандовски? Јас се сомневам во тоа“, додаде поранешниот репрезентативец на Германија.
Имобиле минатата сезона беше прв стрелец на Серија А со 22 голови на 33 натпревари.
„Искрено, немам чувство дека имало толку голема конкуренција во Европа за Имобиле да биде платен 18 милиони евра. Но, челниците го сакаа без оглед на сè, а сега мора да му дадат време да се прилагоди“, изјави Мецелдер.
Идеална шанса да ги демантира зборовите на Мецелдер Имобиле ќе има викендов во дербито на Рур, кога Борусија ќе гостува кај Шалке во Гелзенкирхен.

Најнови вести