Корисничко име Лозинка Пријави се
28.4.2014

Клиперс ги продолжуваат протестите против својот сопственик

Расположението меѓу играчите на Лос Анџелес клиперс е заменето со сериозни лица, револт, бес и протест кон сопственикот на клубот, Доналд Стерлинг, поради изјавата дека нему му сметаат црнците, што предизвика голема бура во САД.

Кошаркарите на Док Риверс под тој горчлив впечаток го одиграа и лесно го изгубија четвртиот натпревар во серија на плејофот со Голден стејт, а натпреварот го обележа и нивната реакција на расистичките изјави на сопственикот на клубот. Крис Пол, Блејк Грифин и остатокот од екипата непосредно пред почетокот на натпреварот ги соблекоа дресовите и останаа само во маиците, а, исто така, имаа и црни ленти и чорапи во таа боја како знак на протест.
Американските медиуми пренесуваат дека екипата нема да го одработи првиот нареден тренинг по натпреварот, и тоа е уште еден вид бојкот поради тешките зборови на првиот човек на клубот.
„Би лажел кога би рекол дека не сум нервозен поради сè што може да се случи. Тоа никогаш не се знае. Тешко е“, изјави Крис Пол.
На страната на играчите застана и тренерот, кој ги поддржа во протестот.
„Не сум воодушевен поради тоа, но ако е тоа она што сакаат да го прават, нека го прават“, изјави Док Риверс.